Комбинираниот состав на Мешков Брест не дозволи да им се случи средбата од Лигата на шампионите против Вардар, па од гостувањето во Битола во СЕХА си заминува со победа од 35:32. Белорусите одиграа подобра средба, а имаа одлично водење во целиот меч од голманот Мацкевич, кој запре голем дел од нападите на противникот. Со ова двете екипи се израмнија и имаат по девет поени после шест одиграни натпревари.
Домашните премногу лошо ја отворија средбата. Тргнаа со 0:3, а за првиот гол чекаа до 6. минута. Веќе тука се гледаше дека работите не одат најдобро иако противникот не беше во комплетен состав. Тоа се одразуваше и на натамошниот тек од играта бидејќите трите гола разлика беа одржувани и во продолжение.
Приклучок беше фатен во 12. минута кога предноста на Мешков Брест беше намалена на еден гол, 5:6. Во 17. минута конечно беше обезбедено и израмнување на 8:8, но и ова не гарантираше мирно продолжување на средбата бидејќи за само две минути веќе беше 8:11. Оттука до крајот на првиот дел мораше одново да се брка резултатот и да се направи обид за ново намалување.
Новото израмнување дојде во 26. минута на 14:14, а потоа следуваше игра гол за гол при што Мешков Брест беше во постојана предност, а Еурофарм Работник израмнуваше. Сепак, при 17:17 немаше концентрација и навремено поставување на одбраната за да се спречи брзиот центар на противникот од Белорусија, па со голот на Бачко, Мешков Брест на одмор замина со 18:17.
Почетокот на вториот дел беше ист како и на првото полувреме. Гостите брзо обезбедија плус три, па тука следуваше одличен период во играта на голманот на Мешков Брест. Мацкевич почна да брани одлично и да запира зицери со што ги оневозможи ракометарите на Еурофарм Работник да се вратат во игра.
Воедно предноста на Мешков Брест постојано беше 2-3 гола, па тоа овозможуваше да се игра мирно. Затоа, пак, ракометарите на тимот од Битола мораа да брзаат. Дури и во моменти кога на средина од вториот дел имаа двајца ракометари повеќе не можеа до погодок така што место да се вратат во средбата и да израмнат на 27:27 тие првпат во мечот отидоа на минус пет и имаа 25:30.
После осум минути чекање во 51. минута конечно дојде нов погодок за домашните. Сепак, намалија само на три гола разлика и немаа сили за нешто повеќе, со оглед на тоа што одново промашуваа зицери. Со тоа гостите си обезбедија триумф и од Битола си заминаа со три бода.
ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – МЕШКОВ БРЕСТ 32:35 (17:18)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 1500. Судии: Матија Губива и Борис Милошевиќ од Хрватска. Делегат: Камер Металари од Македонија.
ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Митревски (15 одб.), Чаневски, Ојлески 6/9, Маџовски 0/2, Чурлевски, Стјепановиќ 0/3, Радовиќ 3/4, Шевелев 3/6, Јотиќ 8/11, Вегар 0/1, Велковски, Остроушко 4/11, Граџан 5/5, Ѓукиќ, Кузмановски 2/3, Петровски 1/1.
Седмерци: 3/5, Исклучувања: 4 мин.
МЕШКОВ БРЕСТ: Мацкевич 0/1 (15 одб., 2 сед.), Усик (1 одб.), Буџејка 0/1, Кулак 3/8, Бачко 6/6, Јуринок 1/3, Обрадовиќ 2/6, Вјархејчук, Пилијук, Дачук, Обрановиќ 1/3, Селвјашук 7/9, Валјупов 14/17, Тамашук 1/1, Силко 0/1, Калистов
Седмерци: 7/7, Исклучувања: 8 мин.