Ракометарите од Радовиш очекувано се изборија за три бода на средбата против Работнички на која доминираа во текот на сите 60 минути, а победија со 41:33.
Во меч со многу голови, радовишани само покажаа дека во моментов имаат тим кој е близу до 4. позиција и кој е поквалитетен од оној со кој располага составот на Работнички. Тоа се виде уште од стартот кога Радовиш почна полека да ја зголемува предноста.
Работнички поведе со 1:0, но тоа беше сè бидејќи во продолжение на средбата екипата на Радовиш ја презеде контролата и постојано беше во предност. Домашните ја зголемуваа позитивата и успеаја до крајот на првиот дел да стигнат до плус од девет гола и на одмор да заминат со 22:13.
Во вторите 30 минути составот на Работнички одигра порамноправно, но немаше сили за да направи нешто повеќе, па мораше да се помири со висок пораз така што на крајот Радовиш заслужено дојде до триумф од 41:33.
Инаку, на оваа средба имаше интересно надигрување меѓу најефикасните во Супер лигата, Ивица Илиев и Давор Палевски. И двајцата погодија по 12 пати во противничката мрежа.
РАДОВИШ – РАБОТНИЧКИ 41:33 (22:13)
Сала: 25 Мај во Радовиш. Гледачи: 300. Судии: Михајло и Методија Илиевски од Битола. Делегат: Васил Чавдаров од Богданци.
РАДОВИШ: Паунов, Тушев, Јованов, Ѓорѓиески 4, Долдуров 4, С. Ѓорѓиев, Постолов 1, Фенов 3, Ј. Ѓорѓиев, Органџиев 4, Николов 10, Ристов, Илиев 12, Трајанов 3, Везенковски, Стојановски.
Седмерци: 3/5, Исклучувања: 10 мин.
РАБОТНИЧКИ: Петковски, Куртановиќ, Михајловиќ, Гичев 5, Осман, Фиданов, Барлакоски, Темелковски 2, Полијак 3, С. Кочаров, М. Кочаров, Јосифовски, Палевски 12, Сулима 7, Илиевски 4.
Седмерци: 3/5, Исклучувања: 2 мин.