Машката кадетска репрезентација на Македонија беше поразена од четвртопласираната селекција од последното Европско кадетско првенство, Унгарија, со 31:27 на првиот од двата контролни дуели, кои ќе послужат за проверување на формата пред настапот на кадетскиот Мундијал во Хрватска.
Македонија со голот на Карасманакис го отвори дуелот и поведе со 1:0. Тоа беше единствената предност на нашата репрезентација, бидејќи Унгарија до крајот на првиот дел беше чекор пред „црвено-жолтите“.
Кадетите на Македонија даваа се од себе за да се вратат во игра, но неколкуте грешки во нападот придонесоа домашната репрезентација да дојде до поубедлива предност, плус судиите донесоа неколку одлуки во корист за домаќините, па така од три разлика, предноста на Унгарија од 15-та минута, па до крајот на првото полувреме варираше од четири до пет позитива.
Домаќините по 30 минути игра имаа активен резултат од 19:14. Откако во првото полувреме бранеше Давид Брестовац, во вториот дел шанса на голот доби Иван Галевски.
Унгарија иако одлично го стартуваше вториот дел, стигна до 27:18, следуваше подобра игра на македонските кадети. Македонија направи серија од 4:0, намали на 27:22 и дури во три наврати не реализираше за минус четири.
Сепак, ниту Унгарија не играше на ниво, не можеше да зголеми на повисока разлика, по што следуваше гол на Михајловиќ за 27:23. Во големата борба на теренот, подобро се снајде Унгарија, искористи дел од грешките на Македонија и запиша победа од четири гола разлика.
Најефикасен во Македонија беше Димитар Узунчев со шест погодоци, по четири постигнаа Томислав Димковски, Александар Петковски и Мирче Калајџиески, два додадоа Дамјан Субашевски, Валентин Карасманакис, Дејан Михајловиќ и Дамјан Митев, а една реализација имаше Тодор Узунчев.