Група Ф: Данска оди по медал, Сабате е главниот адут на Чешка

24Ракомет - единствениот специјализиран портал за ракомет, до стартот на Европското првенство со серија анализи од истакнати тренери ќе Ви ги претстави сите групи и учесници на континенталниот собир. Група Ф за 24Ракомет ја анализира Горан Кузманоски.

Во групата Ф ќе играат еден од топ фаворитите за шампионската титула на ова ЕП – Данска, незгодната Португалија, Чешка која со шпанскиот систем на игра предводена од Сабате фаќа залет, и дебитантот Грција, селекција која досега немаше играно на ниту еден континентален собир. Ова ЕП ќе влезе во историјата на ракометот. ЕХФ и организаторот ќе сакаат да го соборат рекордот на посетеност на ракометен натпревар, а тоа ќе се случи на првиот ден на стадионот во Диселдорф, каде ќе бидат присутни скоро 55.000 гледачи.

ГРЦИЈА

После 19 години пауза Грција повторно настапува на големо натпреварување, овој пат како дебитанти на Европско првенство. Предходно беа учесници на Олимписките игри во Атина (2004) и на Светското првенство во Тунис (2005) и направија успех со пласман во четвртфинале (6место). Во квалификациите беа во група со Белгија, Хрватска, Холандија, после двете победи над Белгија и победата над Холандија, која што беше изненадување, се пласираа на третото место и со тоа обезбедија пласман на ова ЕП. Ако се земе во предвид фактот дека на самите квалификации беа тврд орев против фаворитот Хрватска и против Холандија, оваа репрезентација нема лесно да се предаде иако е аутсајдер во групата.

Играчите кои што настапуваа во квалификациите и на Трофеј Карпати во Романија, ќе бидат на ова Евроспко првенство, без некои големи промени. Карактеристично за Грција е што играат исклучиво 6:0 одбрана, доста се подвижни и без изразито високи играчи. Имаат карактеристична транзиција, а во напад имаат брз проток на топка и претежно имаат игра преку пивот. Голманите им се послаба карика. Без голем притисок, секој бод што ќе успеат да го освојат во група ке биде голем успех.

Главни играчи се левиот бек Савас (Олимпијакос) кој што има извореден скок шут, младиот десен бек Тоскас кој што има изворедна шанса да се докаже на ова Европско првенство, кој неодамна потпиша за Штутгарт и искусното десно крило Цирас од Олимпијакос.

ЧЕШКА

После неуспехот да се пласираат на последнот Светско првенство (2023), во квалификациите за Европското првенство, Чешка покажа квалитет и лесно обезбеди пласман. Со победата над Исланд во квалификациите, предводниците на Хавиер Сабате покажаа дека оваа селекција нема да се предаде во оваа тешка група. Најавуваат вистинска борба, иако првиот меч е против фаворитот Данска, па потоа следува нивниот важен дуел против Португалија, кој што ќе биде важен за понатамошен пласман. Имаат добар континуитет на Европските првенства, досега имале скромен пласман, но ова првенство е права шанса да го покажат системот на игра на Хавиер Сабате.

Во одбрана 3 и 4 се доста високи и плитки, но карактеристични ке бидат 2 и 5 кои што ќе покажат агресивност. Нивната карактеристика пред се е одбраната, ако се земе во предвид дека имаат статистички мал број на голови на последните натпревари. Во напад играат тактички зрело, го применуваат шпанскиот систем и имат трпелив и организиран напад.

Заедно со одбраната, нивното најсилно оружје доаѓа од Томаш Мрква, кој брани во Кил. Искусен голман, кој што ке ја предводи оваа репрезентација заедно со Кашпарек и Хрстка. Хавиер Сабате е клучот во оваа селекција и ќе има права можност да направи чекор напред со оваа репрезентација. Предходно ги предводеше Веспрем и Унгарија, а сега напоредно со селекцијата на Чешка, го предводи полскиот Висла од 2018.

ПОРТУГАЛИЈА

Репрезентација која има голем напредок во последните години. Клучот за ова се големите клубови, кој што не се само редовни учесници на Лигата на Шампиони и на Лига на Европа, туку почнаа да освојуваат (Бенфика 2022). Многу финансии се вложуваат во клубовите кои произлегуваат од фудбалските секции и голем борј на странски играчи и квалитетни тренери се во Португалија.

Во квалификациите имаа максимален учинок и на ова Европско првенство ќе влезат со голема самодоверба. Со години играат заедно, добро се познаваат и тактички се доста зрели, посебно во играта 7 на 6 која што ја играат до совршенство. Нивната одбрана ќе зависи и од нивните голмани, доколку се во форма, имаат сили и да и парираат на Данска, која е фаворит во оваа група.

Луис Фраде, Фабио Магалаеш и Руи Силва се главните адути на оваа репрезентација. Тука е и младиод десен бек Франциско Коста, кој има само 18 години и е еден од најголемите таленти во светот.

Португалија е предводена од Пауло Переира – искусен селектор со богато CV. Веќе 8 години како ја води оваа селекција и направи систем во кој многу малку нештасе менуваат, како и во самиот стручен штаб.

ДАНСКА

Фаворит број 1 во оваа група, како и фаворити на ова Европско првенство. Данска е репрезентација за која што не треба да се трошат зборови за нивниот квалитет, туку да почекаме во какво светло ќе се покажат. Најголем ривал на оваа селекција можат да бидат самите на себе.

На последното Светско првенство беа шампиони, а во 2023 година ја завршија без пораз, само со еден нерешен резултат против Хрватска. 12 години како не го освоиле златниот медал на Европско првенство и ова ќе биде мотив плус да бидат по трет пат Европски прваци.

Во одбрана имаат одличен систем, играат 6-0 подлабока, доста се подвижни и ќе преставуваат проблем за противничките селекции. Имаат феноменална транзиција и тоа со години успешно им функционира. Напад со брзи и прецизни пасови, доста се перфектни и затоа се една од најдобрите репрезентации во модерниот ракомет.

Ландин, Хансен и Лауге се главните адути со години, но предводени од младите Питлик и Гидсел ќе бидат едни од големите фаворити за освојување на ова Европско првенство. Николај Јакобсен е единствениот селектор кој успеал да освои три светски првенства по ред (2019, 2021, 2023). Во 2021 година беше избран за најдобар тренер на годината според ИХФ. Ова ќе биде шанса да го освои првиот златен медал на Европските првенства.

*Горан Кузманоски е поранешен македонски репрезентативец. Потекнува од Тутунски Комбинат Бренд, потоа ги носеше дресовите на Вардар, Металург, Пролет и Еурофарм Пелистер, а градеше интернационална кариера во Португалија, Италија, Исланд, Шпанија, Шведска и Романија каде настапуваше осум години за Одорхеи, со кој освои титула и во Челинџ Купот. Тренерската кариера ја стартуваше во Прилеп, работеше во тимот на Скопје, а во моментов е актуелен тренер на Бутел Скопје, со кој избори место во плеј-офот.