Ќе се паметат засекогаш – Чупиќ и Дибиров со голови за сите времиња во Келн (ВИДЕО)

Пред почетокот на новиот Ф4 турнир во Лигата на шампионите, кој традиционално се одржива во Келн, европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ги објави најдобрите постигнати голови на завршницата.

Од петте најдобри голови на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, два се дело на екс ракометарите на Вардар, десното крило Иван Чупиќ и левото крило Тимит Дибиров, кои со ,,црвено-црните” освоија две титули во Лигата на шампионите.

Чупиќ со голот во последната секунда му го донесе првиот трофеј на Вардар во Лигата на шампионите. Вардар во сезона 2016/17 го играше првото финале во најквалитетното европско натпреварување и во неизвесен дуел го совлада ПСЖ со 24:23.

Токму голот на Чупиќ, кој предизвика ерупција во Македонија, е меѓу најдобрите на сите времиња на Ф4 турнирот во ЛШ.

Дибиров постигна атрактивен гол на финалето против Веспрем во сезона 2018/19. Тогаш Вардар одигра полесно од очекуваното и славеше над унгарскиот гигант со 27:24, со што го освои второто европско злато.