Ќе има ли трета среќа – Алборг е третиот финалист од Данска во ЛШ

Екипата на Алборг приреди големо изненадување во првото полуфинале на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите откако го совлада ПСЖ со 35:33 после голем пресврт во второто полувреме.

Со пласманот во финалето тимот на Алборг стана третиот клуб од Данска кој ќе игра во едно финале од Лигата на шампионите (доколку се сметаат и финалињата во КЕШ).

Првиот тим од Данска кој играше финале беше Архус во 1960 година. Тоа беше трета сезона на КЕШ, а ривал на Архус беше Гепинген. Архус беше поразен со 13:18.

Второто финале за екипа од Данска беше во 1976 година кога Фредериција не успеа против Борац од Бања Лука. Таа средба заврши со 15:17.

После ова Данска никако не успеваше да има свој претставник во финалето. Во Келн на завршниот турнир последен пат тим од Данска беше пласиран во 2012 година, но АБ Копенхаген тогаш загуби во полуфиналето од Атлетико Мадрид со 23:25.

Сега Алборг има шанса да стане првиот тим од Данска кој успеал да победи во Лигата на шампионите бидејќи двете финалиња претходно беа загубени.