Љатев е херој на Гевгелија – одбрани пенал во последната секунда за триумф над Македонија ЃП

Ракометарите на Партизан беа подобри од Македонија Ѓорче Петров со 29:28 во плеј-аут натпреварувањето од Првата лига. Во возбудлив и неизвесен натпревар до самиот крај, гостинската екипа заслужено ги однесе бодовите од Скопје. Партизан на овој натпревар настапи со само 11 ракометари на теренот.

Во првото полувреме домашна екипа одигра поквалитетни 30 минути и констатно беше во водство. Одлични во нападот беа домашните ракометари, Златановски и Никодиновски кои беа незадржливи. Македонија Ѓорче Петров имаше водство од 13:9, но ракометарите од Гевгелија не дозволија зголемување на предноста на противникот и на полувреме имаа само два гола негатива, 15:13.

Партизан со серија од три гола во вториот дел го врати водството во свои раце и најави интересна завршница. Во постојана бркотница низ теренот и лесни голови, на семафорот имаше постојана промена на резултатот, водство и израмнувања на двете екипи. Последните десет минути беа клучни, а успехот гостинските ракометари го направија со играчот на натпреварот, Тодор Узунчев. Токму Узунчев со своите два гола во последната минута ги обезбеди важните бодови за својата екипа. Но херојот на гевгеличани е голманот Љатев кој им одбрани пенал на домашните во последната секунда за полн плен од Ѓорче Петров.

Во составот на Гевгелија споменатиот Узунчев беше најефикасен со десет гола и неколку асистенции кон своите колеги. Во составот на Македонија Ѓорче Петров се истакнаа Златко Златановски и Иван Никодиновски со по седум гола.

Во следното 5.коло, Партизан ќе игра против Делчево Вардар, а екипата на Македонија Ѓорче Петров ќе се обиде да се прикаже во добро светло во Велес против Борец.