Јохансон третпат си оди од ЧСМ Букурешт: Непотизмот секогаш победува!

Шведскиот стручњак Пер Јохансон по третпат си заминува од клупата на романскиот тим ЧСМ Букурешт, пишува романскиот „Фанатик“.

Тој два пати беше главен тренер, а пред четири месец дојде да му биде помошник на првиот стратег Адриан Василе.

Швеѓанецот имаше што да каже, откако федерација реши да не прогласи шампион и за европските купови да важат ланските резултати кога Валчеа беше првак.

„Тие што викаат најгласно и што се членови на вистинскиот клан, тие секогаш победуваат, особени ако вредностите на спортот се ставени на последно место. Ракометот, нашиот убав спорт, постојано е злоупотребуван и непотизмот секогаш победува. Честитки за луѓето од Валчеа кои викаа најгласно и победија. Мислам дека е фантастично да се добие титула, иако секој знае дека сте на второ место“, вели Јохансон.

ЧСМ Букурешт ќе мора да бара вајлд-карта за место во Лигата на шампионите, бидејќи директното место го доби Валчеа.