Јовиќ: Со посветеност ќе ги оствариме зацртаните цели за оваа сезона

Екипата на Еурофарм Пелистер веќе два дена работи под водство на новиот предводник Александар Јовиќ, кој денес официјално беше претставен како нов предводник во битолскиот тим.

Довчерапниот тренер на вториот тим на Еурофарм Пелистер на денешното официјално претставување му се заблагодари на раководството на клубот и ги истакна своите очекувања за останатиот дел од сезоната.

,,Најпрво сакам да ѝ се заблагодарам на управата на клубот на укажаната доверба. Исто така сакам да испратам голема благодарност до Звонко Шундовски за прифатената понуда да биде наш ментор. Со овој потег Шундовски покажа колку му значи клубот и градот Битола. Потег за поздравување, тој е најдобриот македонски тренер. Јас и Зарков сме тренери-учители, и мислам дека одлично се покажавме во последните сезони. Со Звонко добивме тренер натпреварувач, кој што ќе нè води во правилна насока. Затоа сметам дека клубот направи одличен потег. Мислам дека со позитивна мисла и добро насочена работа ќе ги оствариме целите на клубот за оваа сезона”, изјави Јовиќ.

Првиот предизвик за Јовиќ и Шундовски ќе биде дуелот од регионалната СЕХА лига и мечот со Нексе Нашице на 14 март во Битола.

Шундовски: Наша цел е да ја воиграме екипата и да атакуваме на двојната круна