Ја заврши битолската авантура со неколку одиграни минути – Ратајец потпиша за австриски второлигаш!

Словенечкиот интернационалец Анже Ратајец, кој беше донесен од австрискиот Ферлах во Еурофарм Пелистер како големо засилување, си замина од клубот по една (не)одиграна сезона.

Тој потпиша договор со австрискиот второлигаш Фуксе, клубот што настана по фузијата на Брик и Трофајх. Хрватскиот тренер Жељко Бабиќ не сметаше на услугите на Ратајец, па неговата позиција ќе ја пополнат Марио Танкоски и Јосип Периќ.

Словенецот лани потпиша договор на две сезони со Еурофарм Пелистер, но втората нема да ја игра во Битола. Имаше мала минутажа на три меча на турнирот во Струга лани летоска, по што мораше на операција на коленото, која ја влечел од поодамна.

По успешниот период на рехабилитација, тој се врати на тренинзите зимава во битолскиот клуб, но не успеа да се избори за место во тимот. За Лигата на шампионите клубот не го ни пријави, додека во СЕХА беше во ростерот само на двата меча против Нексе Нашице, а дебито на официјален меч го имаше на дуелот во Битола, но одигра само неколку минути и заработи едно исклучување.