Јагуриновски на „три ума“ – Металург, Вардар или КЛ7

Десниот бек на Металург, Томислав Јагуриновски, се уште  нема донесено одлука каде ќе игра следната сезона. Неговиот договор со тимот од Автокоманда истекува на крајот на оваа сезона, а покрај од сегашниот клуб заинтересираност постои и кај некои други домашни клубови. Леворакиот играч игра на позициите десен бек и десно крило, а токму поради неговата можност да шутира со лева рака секогаш е интересен за клубовите.

Сегашниот клуб сигурно ќе сака да го задржи, но тоа ќе зависи и од финансиите и амбициите. В година Металург треба да игра во новоформираниот куп Лига Европа, но неизвесно е дали ќе игра квалификации или можеби ќе влезе директно во групната фаза. Тоа би значело и обврска за клубот да направи конкурентен тим.

Европскиот првак Вардар исто така покажа интерес за неговите услуги и веќе се направени првите разговори со десниот бек, кој би можел да се врати во неговиот матичен клуб. Во време на криза, и на почеток на нова ера на „црвено-црните“ треба да се усогласат барањата на играчот и можностите на клубот. Засега нема дефинитивен договор, но играњето во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата секогаш се примамливи за играчите. Јагуриновски од младите категории на Вардар замина кај ривалот од Автокоманда и во моментов е еден од носителите на играта. Лани од Металург во Вардар пристигна неговиот соиграч Димитар Димитриоски.

Трета опција е новиот суперлигаш КЛ7, кој има проект со македонски млади играчи и со задоволство би го виделе Јагуриновски во својот тим. Според најавите КЛ7 в година би требало да има и поголем буџет со амбиции да останат во „новоформиараното суперлигашко“ друштво во сезоната 2021/2022 година. И таму сигурно би бил лидер на тимот, но ќе изостане шансата да се покаже на меѓународна сцена.

Тој собра искуство од настапите за битолските Пелистер и Еурофарм Работник две сезони, а неколку пати се најде и на поширокиот список на селекторот Данило Брестовац за репрезентативните акции на сениорите.