Ѓорѓиоски: Одевме на СÈ ИЛИ НИШТО, победивме бренд како Металург

Тимот на Тиквеш славеше над Металург со 40-38 во претпоследното коло од регуларниот дел во Суперлигата и остана во игра за пласман во плеј-оф.

Еден од најдобрите во кавадаречкиот состав беше пикерот Пеце Ѓорѓиоски, кој покрај стандардното добрата игра во одбраната, пружи и одлична партија во нападот.

Прилепчанецот даде пет голови и вели дека пресудна била поголемата желба за триумф на неговите соиграчи.

„Пресудно на овој натпревар беше нашата поголема желба за победа. Одевме на се или ништо, знаевме дека морам да го победиме Металург ако сакаме да останеме во борбата за плеј-оф. Одигравме борбено и машки, тимски, иако сме исцрпени од напорниот ритам и играњето на неколку средби по ред“, вели Ѓорѓиоски за 24Ракомет.

Иако Металург беше без странците (освен Додиќ), тој факт не ја намалува вредноста на победата на Тиквеш.

„По многу години Тиквеш е во Суперлигата и ова е голема победа, без разлика во каков состав дојде Металург. Тимот од Автокоманда е големо име на македонскиот ракомет, бренд, и без разлика дали игра со младинци или кадети, победа си е победа“, продолжи Ѓорѓиоски.

На кавадарчни сега им треба триумф над Работнички, но и пораз на Еурофарм Пелистер 2 во Прилеп, за да обезбедат плеј-оф.

„Одиме на победа и против Работнички“, заврши Ѓорѓиоски.

Мечот меѓу Работнички и Тиквеш се игра в недела од 17:00 часот во СЦ „Јане Сандански“, додека во истиот термин во Прилеп ќе се сретнат домашниот тим и Еурофарм Пелистер 2.

ДРАМА во финишот: Металург на колена во Кавадарци, продолжува сонот на Тиквеш за плеј-оф