Ѓорѓиев: Не чека борба за секоја топка, од прва до последна секунда

Екипите на Голден Арт и Алкалоид денеска ќе го одиграат дерби натпреварот во рамки од 17. коло од Првата лига. Избраниците на Љубомир Савевски на првиот натпревар против Голден Арт одиграа нерешено, 25:25.

Овој натпревар за двете екипи е од голема важност бидејќи првопласираниот од Групата Б ќе пренесе повеќе бодови во плеј-оф фазата. Екипата на Алкалоид е лидер во својата група со три бода повеќе од второпласираниот Голден Арт.

Репрезентативецот на Македонија и член на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев очекува неизвесен натпревар до самиот крај и смета дека гостинскиот терен ќе биде голема мотивација за него и неговите соиграчи да го дадат максимумот и да дојдат до зацртаната цел.

„Мислам дека не очекува сличен натпревар како претходниот, со многу интензитет и борба за секоја топка од прва, па сѐ до последна секунда. Натпреварот против Голден Арт ќе биде доста интересен дуел. Гостинскиот терен за нас како екипа ни дава уште поголема мотивација за надигрување со домаќинот. Мислам дека за екипа како што е Алкалоид сосема се очекуваше да имаме таков пласман во овој дел од сезоната и ќе се потрудиме регуларниот дел да го завршиме без пораз. Навистина ќе биде доста интересен плеј-офот. За противници ќе имаме многу квалитетни и искусни екипи од првата и втората група, но нашата цел е јасна и ќе продолжиме да целиме кон неа“, изјави Ѓорѓиев за 24 Ракомет.

Воедно, денешниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ ќе покаже која екипа е поблиску до директен пласман во Суперлигата. Терминот за овој натпревар е 19:30 часот.