Ѓорѓески и Будакалаш со слатка победа над Комло

Тимот на Будакалаш, каде што настапува македонскиот голман Даниел Ѓорѓески, ја оствари третата победа во унгарскиот шампионат.

Будакалаш на домашен терен беше подобар од незгодниот Комло со минимални 26-25, иако можеше и многу порано да го реши победникот.

Гостите водеа со 8-11 во првиот дел, но со помош на Ѓорѓески, Будакалаш направи серија од шест гола за 14-11.

Во финишот имаше и 26-22, а гостите успеаја да намалат до конечните 26-25. Македонскиот голман имаше шест интервенции, но сите беа во клучни моменти.

Будакалаш сега е на седмото место на табелата, со три победи, две реми и три порази, а следен предизвик за тимот на Ѓорѓески ќе биде гостувањето кај Веспрем КФТ.