Ѓорѓески блескаше на голот, Будакалаш му „украде“ бод на Ференцварош

Македонскиот интернационалец Даниел Ѓорѓески, кој брани во шампионатот на Унгарија, поточно во екипата на Будакалаш, продолжува со одличните партии меѓу стативите.

Будакалаш во 11. коло од тамошниот шампионат одигра нерешено против амбициозниот тим на Ференцварош, 25:25.

Ѓорѓески беше еден од најзаслужните за освоениот голем бод, со кој тимот на Будакалаш останува во игра за пласман меѓу најдобрите пет екипи во Унгарија.

Македонецот блескаше на голот и дуелот против Ференцварош го заврши со 11 одбранети удари. Дел од одбраните беа во клучните моменти кога само нијанси одлучуваа каков ќе биде епилогот од возбудливиот натпревар.

Во следното, 12. коло, Будакалаш ќе игра против гигантот Веспрем.