Ѓорче Петров како брз воз низ Прилеп

Ракометарките на Ѓорче Петров ја продолжија победничката низа во Женската лига, откако славеа на гостински терен кај Деспина во Прилеп со 36-19.

Домаќинките водеа само со 1-0 на стартот, а потоа се беше во знакот на македонскиот шампион. Најпрво Ѓорче Петров поведе со 4-1, па 7-4, по што следуваше серија од пет гола за 12-4.

До паузата избраничките на Симе Симовски направија залиха од десет гола, 17-7 и веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крајот.

Шанса за настап во вториот дел добија сите ракометарки, а Ѓорче Петров само рутински ја одржа и ја зголеми предноста до конечните 17 гола разлика.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Емилијана Ризоска со осум и Марија Јанкуловска со пет гола, додека кај Деспина се истакна Михаела Петреска со пет погодоци.