Ѓиноски ја предводеше Македонија ЃП во најубедливата победа за крај на сезоната

Ракометарите на Македонија ЃП во последното (10) коло во плеј-аут фазата во Првата лига славеа убедлива победа против Партизан од Гевгелија, со резултат 51:38. За Македонија ЃП ова беше најубедливата победа во оваа сезона.

Со освоената победа, Македонија ЃП го презеде лидерското место во прволигашкиот плеј-аут. Ѓорчепетровци стигнаа до 37 бода, додека второпласираниот, Металург РА, кој има натпревар помалку, на свое конто има 34 бода.

Металург РА доколку триумфира во последниот натпревар против Преспа, ќе има ист број на бодови со ѓорчепетровци, но екипата на Македонија ЃП поради подобриот меѓусебен скор сезоната ќе ја заврши на првата позиција.

Избраниците на Џеват Равмановски од првата, па сѐ до последната минута, беа во водство и во ниту еден дел од натпреварот не дозволија да има неизвесност.

Македонија ЃП на полувреме замина со предност од плус девет гола разлика, 22:13, додека во вторите 30 минути, домашната екипа ја казнуваше речиси секоја грешка на противникот зголемувајќи ја предноста од минута во минута и успеа со победа да ја заврши сезоната.

Предводник во победничката екипа беше Максимилијан Ѓиноски со 14 погодоци. Во поразениот табор, Ѓорѓе Банцалиски ја предводеше листата на стрелци со 11 погодоци, додека Иван Велев и Мартин Златковиќ имаа по осум реализации.