Штутгарт го објави тимот за следната сезона, договорот на Пешевски истекува во јуни

Екипата на Штутгарт за која настапува репрезентативецот на Македонија, Жарко Пешевски го објави тимот за следната сезона, а во клубот доаѓаат четири нови ракометари. Меѓу играчите фигурира името и на Пешевски, но неговиот договор истекува во јуни така што е неизвесно дали тој ќе остане дел од тимот.

Пешевски е еден од тројцата играчи чии договори уште не се продолжени. Покрај него тоа се и крилото Доминик Вајс и бекот Луис Плимфорд. Во екипата доаѓаат голманите Силвио Хајнефетер и Миљан Вујовиќ, пивотот Оскар Бергендал и десниот бек Јан Форштбауер.

Според листата која е објавена клубот има три пивоти заедно со Пешевски. На списокот се уште и Оскар Бергендал и Фин Николау што е знак дека би можело да дојде до договор и тоа ќе треба да се очекува во текот на овој месец.

„Оскар е играч кој може да дејствува и во напад и во средината на одбраната. Повеќе нема да мора да менуваме одбрана-напад во иднина и тоа ќе донесе поголема стабилност и брзина во нашата игра“, вели директорот на Штутгарт, Јирген Швајкард за ангажирањето на Бергендал.

Сепак, ниту тој не дава информација за иднината на Пешевски во овој клуб така што прашањето за Пешевски и понатаму е отворено.