Штербик: Чувството да се биде дел од Вардар беше прекрасно, бевме како едно!

Некогашниот голман на Вардар, Арпад Штербик, на крајот на оваа сезона ќе замине во пензија. Доколку не продолжи сезоната во Унгарија и во Лигата на шампионите во месец јуни, натпреварот против Татабања ќе биде негов последен во кариерата.

Штербик освои една шампионска титула со Вардар во сезоната 2016/2017 и тој вели дека се уште се сеќава со задоволство на периодот во Скопје.

„Кога ќе се навратам во 2017 година, можам да кажам дека во Вардар имавме голема самодоверб. Тимскиот дух беше изразен. Верувавме дека можеме. Во ниту еден момент не помислувавме дека нема да успееме. За мене Вардар беше неверојатно искуство, беше прекрасно чувство да се биде дел од тој тим. Сите бевме како едно, сите бевме на иста бранова должина“, рече Штербик за сајтот на ЕХФ.

Тој во Скопје мина четири сезони, а претходно беше дел од шпанските гиганти Сиудад Реал, односно Атлетико Мардрид и Барселона.