Шампион влезе во серија, ја доби драмата со Деспина

Во единствениот натпревар за викендов од Женската лига, Шампион запиша нови бодови откако во драматичен финиш славеше над Деспина со 24:22. Во претходното коло, избраничките на Слободан Чивлачки беа подобри од Гевгелија.

Во израмнет натпревар, двете екипи имаа подеми и падови. Екипата од Прилеп во првото полувреме за нијанса беше подобар противник. Камческа ги предводеше гостинките во првите 30. минути, а водството на Деспина никако не беше поголемо од два разлика. Шампион израмни на 10:10, но ракометарките на Деспина со серија од два гола поведоа со 12:10 и на полувреме заминаа со предност, 13:11.

Во второто полувреме имаше постојана промена на водството до 40. минута. Во последните дваесетина минути, Шампион ја презеде контролата на терен и не дозволи противникот да се врати во игра. Прилепчанки при негатива од 21:22 пропуштија голема шанса да дојдат до израмнување. Во 58. минута, Димитриевска беше прецизна за водство на Шампион од 23:21. Ракометарките на Страшо Илиески не беа доволно концентирани во финишот од натпреварот, направија две грешки при напади за израмнување, а дополнително Седлоска промаши пенал. Точка на дуелот стави Георгиевска со својот прв гол за конечни 24:22.

Најефикасна во победничката екипа беше Мила Филипова со осум гола, шест постигна Нина Неделковска. Кај Деспина прв стрелец беше Ангела Камческа со седум гола. Со четвртата победа, Шампион го презеде третото место на табелата во Групата А.