Чупиќ: Ако ме викне Червар ќе играм за Хрватска

„Веќе две години не играм за Хрватска, секако дека го следам секој нејзин настап, навивам... Сега мислам дека ми фали нешто, ми фали Хрватска, ми фали дресот“, открива хрватскиот интернационалец.

Вардаровото десно крило, Иван Чупиќ две години е надвор од националниот тим на Хрватска, со кој има девет медали. Негов бил изборот да ја напушти репрезентацијата, но во последните шест месеци интензивно размислува за враќање во неа, доколку и е потребен. Тоа ексклузивно го откри во интервјуто за 24ракомет.

„Првата сезона во Скопје бев сам, семејството останаа во Загреб бидејќи се вратив доцна од Олимпијада и немав време да средам некои работи за нивниот живот тука. Одлучивме таа година тие да останат во Загреб, а јас во Скопје. Таа година многу ме истроши. 15 години сум во брак и никогаш не сум бил сам и многу ми беше тешко. Секој слободен момент го користев за да си одам дома, а имавме многу натпревари, многу патувања во Лигата на шампионите, со репрезентација, настап на ЕП во Хрватска… Морав многу да се откажувам и да ја жртвувам фамилијата во тие 10-11 месеци. Имав проблем и со коленото и премногу натпревари и во тој момент едноставно не бев подготвен во главата за такви жртви и морав од нешто да се тргнам… Хрватска многу ми значи и кога играм за неа или сум во еуфорија или сум во депресија и не можам да најдам баланс како во клуб. Си реков дека е подобро да се откажам и дека нема смисла да држам нечие место ако јас не сум 300 посто со главата внатре во селекцијата. Веќе две години не играм за Хрватска, секако дека го следам секој нејзин настап, навивам… Сега мислам дека ми фали нешто, ми фали Хрватска, ми фали дресот. Во последната пола година интензивно почнувам да мислам на тоа дека ако сум им потребен, ако се случи нешто, ако некој ме викне стојам на располагање и сакам додека можам да играм ракомет на ова ниво како до сега, да се обидам уште еднаш да освојам злато со Хрватска“, изјави Чупиќ.

Целото интервју може да го прочитате на линкот во продолжение…

ИНТЕРВЈУ ИВАН ЧУПИЌ: Никој не може да ми понуди толку многу пари со кои ќе ме натера да заминам од Вардар