ЧСМ Букурешт загуби во последната секунда, но остана во игра за Ф4!

Во последниот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, кој беше одигран денес, екипата на ЧСМ Букурешт на домашен терен беше поразена од Есбјерг со 25:26. Избраничките на Адриан Василе на реванш натпреварот ќе мора да го дадат својот максимум доколку сакаат да обезбедат пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Екипата на Есбјерг 55 минути ја диктираше играта на терен и во последните пет минути направи од готово-вересија, а можеше и да загуби. При водство на Есбјерг од 23:24, ракометарките на ЧСМ Букурешт го израмнија резултатот на 24:24. На речиси 8 секунди пред крајот беше 25:25, додека ракометарката на Есбјерг и репрезентативка на Норвешка, Хејни Реиштад со гол во последната секунда донесе победа за данскиот тим.

Најефикасна на натпреварот беше Кристина Неагу со девет погодоци. Екс ракометарката на Вардар во редовите на ЧСМ Букурешт, Сираба Дембеле постигна два гола. Кај Есбјерг листата на стрелци беше предводена од Кристине Брејстол со седум погодоци.

Во останатите четвртфинални двојки, Вајперс Кристијансад славеше против Крим со 32:25 и ќе има убава можност пред своите навивачи да го завери пласманот на Ф4 турнирот, на кој ќе ја брани освоената шампионска титула од претходната сезона. Брест Бретањ и Ѓер одиграа без победик, 21:21, додека екипата на Мец е првиот патник на Ф4 поради дисквалификацијата на Ростов Дон од страна на ЕХФ.