Човечка судбина: Како вардаровата легенда Иван Чупиќ остана без дел од прстот

Хрватот кој ги постигна клучните голови во двете финалиња на Вардар кога стана европски шампоион во 2017 и 2019, Иван Чупиќ има многу невообичаена приказна во животот и кариерата. Пред 12 години Чупиќ имаше бизарна повреда која можеше да значи предвремен крај на кариерата, но тоа се чини дека беше пресвртница и почеток на неговиот подем.

На Чупиќ му недостасува дел од средниот прст на шутерската рака, но тоа во ниту еден момент не се забележува во неговата игра. Има неколку верзии за детали од несреќата и како дошло до неа во 2008 година. Едната е дека на репрезентативен собир на пат кон хотелот, Чупиќ се лизнал и се задржал за метална ограда при што загубил дел од прстот.

Другата верзија е дека хрватските репрезентативци брзале да стигнат кон хотелот, па решиле наместо да ја заобиколат, да ја скокнат оградата, а вереничкиот прстен на Чупиќ се заглавил на оградата и тој загубил дел од прстот. Како и да е суштината е таа, деталите нема да сменат многу, но сепак тоа не направи проблеми на кариерата на Хрватот. После несреќата, кога докторот рекол дека прстот мора да се ампутира Чупиќ заплакал и помислил дека тоа е крај на неговата кариера.

Од трансферот на Чупиќ во Горење започнува напредокот во кариерата. Лекарите објаснија дека прстот кој му недостасува има најмала улога во користење на раката, но многумина не веруваа дека тој ќе може да игра како порано. После само два месеци на првиот натпревар за Горење, Иван Чупиќ постигна осум гола за само 20 минути. Потоа на друг натпревар постигна 15 гола, што не му се случило дотогаш во кариерата и пред да го загуби прстот.

Чупиќ пристигна во Вардар како европски шампион со Келце во 2016 година, а следната година го повтори успехот кога Вардар ја освои првата титула против ПСЖ во финалето. Токму Чупиќ го постигна победничкиот гол. Судбината се повтори во Келн во 2019 кога во финалето против Веспрем последните два гола беа дело на Иван Чупиќ за втора европска круна на Вардар. Чупиќ е првиот ракометар кој ја одбранил тутулата европски шампион и има освоено три европски титули во последните четири сезони, а учествуваше на сите завршни турнири.

И покрај промените кои се случија во Вардар, Чупиќ реши да остане во Скопје. Хрватот има 34 години и неговата кариера е на залезот, но сепак и на оваа возраст предизвикува интерес кај екипи кои се натпреваруваат во Лигата на шампионите. Иван веројатно најдобрите клупски моменти ги има доживеано со Вардар, а неговото продолжување на договорот можеби навестува и завршување на кариерата во двократниот европски шампион со што само ќе го потврди статусот – вардарова легенда.