Чиле сака спаринг со македонски екипи, ама…

Репрезентацијата на Чиле, која подготовките за Светското првенство во Египет ќе ги помине во Скопје, го објави планот.

Јужноамериканците треба да допатуваат во македонската престолнина на 28 декември, а нивниот селектор Матео Гаралда сака да одиграат најмалку три пријателски натпревари пред заминувањето во Египет.

Според планот на Чилеанците, посакуваат средби со Вардар, Металург или Еурофарм Пелистер, а тоа ќе биде многу тешко изводливо, особено кога се работи за „црвено-црните“.

Вардарци се веќе на распуст, и оние ракометари што нема да патуваат во Египет со своите репрезентации ќе започнат со тренинзи на 11 јануари, односно на денот кога Чилеанците треба да патуваат за Египет.

Еурофарм Пелистер исто така од вчера е на пауза, а според планот на Жељко Бабиќ, „фармацевтите“ ќе се вратат во сала на 8 јануари. Металург ќе биде активен до 27 декември, а подготовките за вториот дел од сезоната ќе ги започне по божиќните празници. Веројатно ќе биде многу тешко да се договорат пријателски средби и против овие клубови.

Втора опција за Чиле кога се работи за пријателските натпревари останува македонската репрезентација, која е прва резерва за настап на СП и која треба да име собир по Нова Година.