Чаир се радува на дерби победа, го сруши Куманово!

Ракометарките на Чаир на свој терен го изненадија македонскиот вицепрвак, тимот на Куманово, триумфирајќи со 32:29, во натпревар од 2. коло од Женската лига. Куманово во минатото коло исто така доживеа незгоден пораз од Вардар и ќе мора во следниот натпревар, против амбициозниот тим на Гевгелија да не си дозволи трет кикс.

Куманово поведе со 1:0, потоа имаше и плус два гола разлика, 3:1, но екипата на Чаир не се предаваше и во следниот период беше во резултатска негатива од еден-два гола разлика. Избраничките на Драгана Ристова во првите петнаесетина минути лесно го пронаоѓаа патот до мрежата на домаќинот и со голот на Величковска за првпат на натпреварот дојдоа до водство од плус три, 7:4.

По водството на Куманово од 8:4, мотивираните ракометарки на Чаир направија комплетен пресврт, односно серија од 6:0 и во 20 минута дојдоа до 10:8. Куманово влезе во криза и никако не можеше да се врати во игра. Составот на Басри Љатифи во еден период поведе и со три гола разлика, 13:10, но не искористи неколку ситуации за да дојде и до поголемо водство. На полувреме резултатот беше 15:13 во корист за домаќинките.

Гостинките во вториот дел го израмнија резултатот на 16:16, откако претходно Чаир имаше водство од 16:14. Домашниот тим одговори со иста мера и со два гола во низа, кои беа дело на Реџеп и Дамчевска повторно обезбедија два гола разлика, 18:16. Чаир уште во неколку наврати беше во водство од два гола разлика, а ракометарките на Куманово во 45 минута го израмнија резултатот на 20:20 и минута подоцна со голот на Граматова поведоа со 21:20.

Неизвесноста продолжи до самиот крај на натпреварот и во последните десет минути се влезе со нерешени 23:23. Во играта гол за гол, домаќинките подобро се снајдоа и на осум минути пред крајот Гулицоска беше ефикасна за 27:25. Екипата на Куманово во клучните моменти падна психолошки и не можеше да се носи со помладата екипата на Чаир, која денес ја запиша втората победа најавувајќи дека ќе атакува за првата позиција во групата А.

Најефикасна во победничката екипа беше Теодора Гулицоска со девет гола. Во составот на Куманово се истакна Алмеида Коста Андреза исто така со девет гола.