Чаир победнички го започна настапот во плеј-офот!

Ракометарките на Чаир во натпревар од 1. коло од плеј-оф фазата во Женската лига на свој терен беа убедливи против Стружанка со 31:23.

Избраничките на Басри Љатифи во најголемиот дел од натпреварот беа во водство, а освен нерешените 2:2, сѐ друго мина во знакот на мотивираните домаќинки.

Чаир на полувреме замина со предност од 13:10, во вториот дел не попушти во ниту еден момент, ја подобри реализацијата и дојде до убедлива победа.

Најефикасни во домашната екипа беа Марија Николовска, Стефанија Ѓеоргиевска и Јасмина Попова, кои постигнаа по пет погодоци.

Во составот на Стружанка листата на стрелци беше предводена од Ивана Затуроска, која имаше осум реализации, додека Магдалена Делиоска шест пати погоди во мрежата на домашниот тим.