Цирих го слави Поповски – Македонецот ја однесе Амичитија во Куп финале!

Екипата на Амичитија Цирих, во која настапува македонскиот интернационалец Мартин Поповски, обезбеди финале во Купот на Швајцарија откако во полуфиналниот натпревар против Берн славеше победа со три гола разлика, 26:23, после 70. минути надигрување.

Регуларниот дел од натпреварот заврши без победник, 19:19, додека резултатот на полувреме беше 10:13 за составот на Берн. Ракометарот од Македонија беше предводник во составот на Амичитија Цирих и при резултат од 24:23 успеа да ги постигне двата последни погодоци за својата екипа, со која обезбеди финале во Купот на Швајцарија.

Поповски натпреварот го заврши со 100% реализација, односно шест погодоци од исто толку обиди, а своја поддршка имаше од Маријан Мариќ и Јан Бамерт, кои постигнаа по пет погодоци во мрежата на противникот. Одличен меѓу стативите беше голманот на победничката екипа, Паул Бар, кој успеа да запише 19 интервенции.

Сензација имаше во второто полуфинале меѓу Винтертур и Кадетен Шафхаузен. Ракометарите на Винтертур успеаја да слават против фаворитот со 25:23, иако на полувреме Кадетен имаше водство од плус четири гола разлика, 14:10. Поранешниот ракометар на Вардар, Жоан Кањелас беше најефикасен во поразениот табор со седум погодоци од 13 обиди.