Целје пазареше во Португалија, ангажираше голман од Спортинг

Словенечкиот шампион Целје, кој во следната сезона ќе учествува во Лигата на шампионите, полека го комплетира ростерот, а раководството на клубот денеска го претстави првото засилување во тимот на „пиварите“.

Голманот на репрезентацијата на Тунис, Јасине Белкаид во следните две сезони ќе го носи дресот на словенечкиот шампион и за првпат ќе настапи во Лигата на шампионите.

21-годишниот голман во редовите на Целје ќе пристигне од Спортинг Лисабон каде што настапуваше една сезона. Младиот голман беше член на младинската репрезентација на Тунис, каде неколку пати го привлекуваше вниманието со одличните партии меѓу стативите.

Има забележано настапи на две африкански првенства, Светското првенство за ракометари до 19 години и два настапи на Медитеранските игри како член на сениорската репрезентација на Тунис.

Целје минатата сезона ја освои 25. титула во словенечкиот шампионат и обезбеди камбек во европската елита. Ракометарите на Целје во групната фаза од Лигата на шампионите ќе играат во група Б заедно со актуелниот европски шампион, Барселона, ПИК Сегед, Келце, Нант, Кил, Елверум и Алборг.