Хрватски голман „фатен“ со кокаин, клубот веднаш му даде отказ

Словенечката анти-допинг агенција објави дека голманот кој настапува во првата словенечка лига, Бруно Чопиќ, паднал на допинг тестот. Ракометарот на Шкофја Лока бил позитивен на кокаин и признал дека самиот ја земал недозволената супстанца.

Тестирањето било направено после натпреварот од 4. коло во словенечката лига помеѓу Шкофја Лока и Горење на 5 ноември и било потврдено присуство на недозволената супстанца. Кокаинот е забранет во спортот и е вклучен во листата на забранети процедури и супстанци на ВАДА.

Чопиќ веднаш ја признал вината но истакнал дека не ја конзумирал забранетата супстанца за да ги подобри своите резултати во спортот. Голманот доби суспензија од три месеци која започнала од 18 јануари а ќе мора да плати и казна од 750 евра.

Освен суспензијата од антидопинг организацијата, Чопиќ остана и без клуб откако Шкофја Лока ја прекина соработката со него. Клубот објави соопштение во јавноста со кое ја образоложува оваа одлука.

„Ракометниот клуб Шкофја Лока има нула толеранција на забранети супстанци и нивна употреба во спортот и надвор од него. После добивањето на информацијата од антидопинг организацијата дека ракометарот ги прекршил правилата одлучивме да ја прекинеме соработката и Бруно Чопиќ не е повеќе член на нашиот клуб“, пишува во соопштението.