Хрватска и Германија освоија злато на СП во ракомет на плажа

Грчкиот град Хераклон овој викенд беше домаќин на Светското првенство во ракомет на плажа во машка и женска конкуренција. Минатата недела беше одигран младинскиот Мундијал во ракомет на плажа, на кој Шпанија во женска и Хрватска во машка конкуренција ги освоија златните медали.

Кај сениорките, женската репрезентација на Германија ја освои титулата,  откако во финалето беше подобра од селекцијата на Шпанија со 2-0 во сетови, додека во натпреварот за 3. позиција, Холандија ја совлада Грција со 2-1 во сетови.

За Германија освоената титула е голем успех бидејќи репрезентацијата по првпат го освои првото место во својата историја. Рекордер по бројот на освоени златни медали е Бразил, која има освоени три златни медали.

Во машка конкуренција златото го освои репрезентацијата на Хрватска. Хрватите за првото место за противник ја имаа селекцијата на Данска и минаа без многу проблеми, победија со 2-0 во сетови.

Бразил успеа да го освои бронзениот медал, триумфираше против домаќинот со 2-0 во сетови. На последното Светско првенство кое се одржа во Казан во 2018 година, Хрватите беа втори, а златото им припадна на ракометарите на Бразил.