Херем: Уживав додека играв во Вардар, навивачите правеа фантастична атмосфера!

Првата скандинавска ракометарка што играше во македонски клуб беше Камила Херем.

Легендарното лево крило на норвешката репрезентација мина една сезона во ЖРК Вардар, но иако не остави посебен белег, сепак таа вели дека уживала додека играла во Скопје пред навивачите.

„Многу ми се допадна како во Вардар беа организирани сите работи за ракометарите. Има арена и се што ти треба до неа – ресторан, теретана, хотел, болница. Сакав да играм во Скопје поради фантастична атмосфера што секогаш ја прават фановите, кои не поддржуваа и на гостувањата“, вели Херем.

Во сезоната 2016/2017 вардарки стигнаа до првото финале на завршните турнири во Лигата на шампионите и Херем беше дел од него. На крајот Ѓер победи по продолженија со 31-30.

„Беше неверојатно чувството да бидеш на Ф4. Ѓер е секогаш таму и знаеш дека навивачите во најголем број ќе му бидат наклонети на тој тим, но тоа не беше важно. Настапот во Будимпешта е едно од моите најубави искуства“, продолжува Херем.

Норвешкото лево крило иако потпиша договор на две сезони, во Вардар остана само една.

„Мојот сопруг Стефан живееше неколку месеци со мене во Скопје. Тогаш тој доби понуда од клуб што беше само на 30 минути од местото каде што живее моето семејство во Норвешка. Сфатив дека не сакам сама да останам во Скопје и дека направив доволно во кариерата, па решив дека ќе се вратам дома“, заврши Херем.

Таа во меѓувреме се врати во матичниот клуб Сола, направи и пауза поради мајчинство, а откако го роди синот Тео, веднаш се врати на ракометот.