Хансен ќе почека за деби – тренира без контакт, има опасност за внатрешно крварење!

Легендарниот дански ракометар Микел Хансен ќе почека за официјално деби за неговиот нов клуб Алборг.

Тој се уште не е подготвен за комплетен тренинг и тренира одвоено од останатите ракометари без контакт. Левиот бек е надвор од терените од април, кога имаше воспалена вена во комбинација со белодробна емболија.

„Шесте месеци од терапијата завршуваат кон средината на септември, па потоа ќе можам да се вратам кон целосен тренинг. Сега трчам, работам и со топка, но без контакт. Има опасност од внатрешно крварење, ако добијам голем удар. Затоа тренирам со ограничувања. Се чувствувам одлично, а телото реагира добро на напор. Се надевам дека овој одмор ќе ми помогне“, вели Хансен за данската ТВ2.

Алборг ќе ги започне натпреварите во данскиот шампионат и во Лигата на шампионите без првата ѕвезда.