Фуриозен старт на СЕХА лигата, Војводина го „збриша“ Нексе

Во екот на Мундијалот во Полска и Шведска, стартуваа и возбудувањата во Сеха Лигата.

Војводина блесна на стартот совладувајќи го Нексе на домашен терен со резултат 31-25. Со овој триумф ракометарите на Борис Ројевиќ најавија дека ќе бидат тежок противник на секој ривал на патот до Ф4 турнирот.

Уште од самиот почеток гостите од Хрватска немаа одговор за фантастичната игра во нападот на Војводина, која предводена од дуото Милош Грозданиќ и Дарко Миленковиќ на полувреме замина со убедливо водство од 19-12.

Иако се очекуваше Нексе да притисне на почетокот на вториот дел и да ја намали високата позитина на домаќинот, се случи токму спротивното. Војводина продолжи со одличната игра и веќе по пет минути во второто полувреме имаше водство до 23-13 каде практично веќе и беше решен победникот на овој дуел.

Крајниот резултат гласеше 31-25 во корист на домашниот состав. Милош Грозданиќ и Дарко Миленковиќ постигнаа по шест гола, а Фран Лучин имаше седум интервенции за Војводина. Во екипата на Нексе, Карло Годец и Јанко Кевиќ пет пати ја погодија противничката мрежа, додека пак голманот Морено Цар имаше одлична вечер со 14 интервенции кои сепак не беа доволни за победа во Нови Сад.

Во следното коло Војводина ќе го пречека Еурофарм Пелистер (30 јануари), а по три дена и Нексе ќе ги одмери силите со екипата од Битола (2 февруари). СЕХА лигата продолжува на 28 јануари со дуелот во Прешов помеѓу Татран и Вардар.