Фуксе Берлин предводен од Марсениќ и Милосављев му нанесе тежок дебакл на Кил

Во натпревар од 7. коло од Бундес лигата, составот на Фуксе Берлин предводен од двајцата поранешни ракометари на Вардар, Мијајло Марсениќ и Дејан Милосављев му го нанесе првиот пораз на Кил во годинешната сезона, откако на свој терен ги декласираше „зебрите“ со 34:26.

Расположените ракометари на Фуксе Берлин одиграа одлично во првите 30 минути и уште од воведниот дел кога се одлепија на 8:3, јасно беше дека избраниците на Филип Јиха ќе имаат тешка задача да фатат приклучок.

Фуксе Берлин на полувреме имаше активен резултат од плус шест гола разлика, 16:10, додека во вториот дел рутински ја одржуваше стекнатата предност од првиот дел и многу лесно дојде до поубедлива победа во натпреварот.

Предводник во победничката екипа беше Мијајло Марсениќ, кој одигра одличен натпревар и во мрежата на Кил постигна девет гола од десет обиди.

Покрај одличната игра во напад, Марсениќ одигра одлично и во одбраната и беше најзаслужен за убедливиот триумф. Вториот екс вардарец во Фуксе Берлин, голманот Дејан Милосављев имаше 13 интервенции. Во составот на Кил единствено расположен беше Патрин Винчек со седум гола.