Франција во нови проблеми – Жерар неизвесен за настап на континенталниот собир

Французите уште на самиот почеток од подготовките за Европското првенство имаа голем број на проблеми, а најновата вест од Франција е дека настапот на Венсан Жерар е под знак прашалник поради смртен случај во неговото семејство.

Селекторот на Франција, Гијом Жил, во изјава за француските медиуми истакна дека ситуацијата околу настапот на искусниот голман е непозната.

„Се уште ништо не знаеме. Свесни сме за квалитетот на Жерар и ја знаеме неговата посветеност на француската репрезентација, но го почитуваме болниот период низ кој минува“.

Доколку Жерар одлучи да не се придружи на француската репрезентација, Жил ќе мора да смета на тројцата останати голмани – Весли Парден, Реми Десбоне и Кевин Бонфон.

Лука Карабатиќ, Недим Ремили и Тимотеј Н`Гесан веќе го откажаа настапот на континенталниот собир поради повреди. Франција на Европското првенство ќе патува и без Елохим Пранди, кој беше жртва на напад и беше прободен со нож за време за новогодишната прослава.

Никола Карабатиќ, Беноа Конку, Реми Десбоне, Уго Деска, Јанис Лене, Ејмерик Мин и Дилан Наи беа позитивни на Ковид-19 и поради тоа мораа да одат во карантин, но дел од нив веќе се вратија на подготовките.

Франција е во групата Ц на ЕП заедно со Хрватска, Србија и Украина.