Фленсбург го совлада Целје и го остави Загреб во игра за нокаут фаза

Екипите на Фленсбург и Целје го отворија последното 14. коло до групната фаза во Лигата на шампионите за мажи. После голема борба бундеслигашот пред своите гледачи во завршницата стигна до победа со 29:26.

Во најголемиот дел од натпреварот Фленсбург имаше водство и контрола на резултатот, но ракометарите на Целје играа борбено и организирано што ги одржуваше на гол или два заостанување. По 30 минути домашниот тим имаше предност 15:12.

Слично се одвиваа работите и во продолжението, најчесто беше два или три предност за Фленсбург сè до 50. минута. Тогаш по подолго време Целје постигна неколку гола во серија и успеа да израмни на 23:23. Словенечкиот тим немаше сили за целосен пресврт, а до крајот на мечот домашните обезбедија сигурна победа.

Најефикасен во победата на Фленсбург беше Јоханес Гола со осум погодоци. Во тимот на Целје, Разгор и Цокан постигнаа по шест, а Грошељ пет гола. Овој пораз на Целје го доведува во прашање пласманот во нокаут фазата кој може да биде загрозен од Загреб, но само доколку избраниците на Вујовиќ слават на гостувањето кај ПСЖ.