Уште еден Македонец во Финска: Јоаким Анѓеловски ќе го брани голот на Кокс

Младиот голман на Работнички, Јоаким Анѓеловски, од следната сезона ќе го има првото интернационално искуство.

Тој потпиша договор со поранешниот фински шампион Рихимаки Кокс на три сезони, а по првата година од соработката, двете страни ќе имаат нови преговори за следните две години од договорот.

Анѓеловски претходно го бранеше голот на Вардар Јуниор, а имаше лани настапи и во СЕХА лига за тимот на Вардар.

„Анѓеловски ќе биде иднината на нашето голманско трио. Покрај него, ние бараме уште еден голман со европско искуство“, вели тренерот на Кокс, Кај Кеки.

Македонецот ќе биде замена за литванскиот голман Гиедриус Моркунас, а во клубот останува Белорусинот Виталиј Шицко.

„Задоволство е да се биде дел од Кокс. Со овој тим сакам само да победувам. Едвај чекам да почне новата сезона“, вели Анѓеловски.

Во Финска оваа сезона настапуваа тројца Македонци – Илија Крстевски во ПИФ, како и Игор Трајковски и Филип Чурлевски во СИФ.