Уште два прволигашки тима во елитата: Младост Богданци и Јуниор КВ нови суперлигаши?!

Ракометната федерација на Македонија пред десетина дена достави допис до клубовите за изгледот на претстојната сезона и на таа по неа, во кој детално беше објаснет системот на натпреварување за двете сезони.

Се предвидуваше уште во претстојната 2020/2021 вклучување во домашниот шампионат на двата претставници во регионалната СЕХА лига, Вардар и Еурофарм Пелистер, но овие два тима го искористија фактот што таква промена мора да биде најавена една година однапред и не го прифатија учеството за сезоната 2020/2021. Останува тоа да се случи во сезоната 2021/2022.

Нов предлог е вторите екипи на Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, односно Вардар Јуниор, Металург 2 и Еурофарм Пелистер да престанат да функционираат, на тоа начелно се согласни скопските екипи и веќе го информирале РФМ, но битолчани не можат да играат само со една екипа, со оглед на тоа што договорот за фузија на Еурофарм Работник и Пелистер, предвидува дека во следните четири години, во Битола ќе има две екипи.

Доколку Вардар Јуниор и Металург 2 не играат следната сезона, се отвораат уште две празни места во елитното друштво, кое практично ќе стане прволигашко друштво. Третопласираните групи од двете групи во Првата лига, Јуниор Кисела Вода и Младост Богданци би станале нови суперлигаши, па бројката на екипи што ќе се натпреваруваат во Суперлига, ќе биде 14, а за системот на натпреварување веќе пишувавме.

Проширувањето на лигата, може да има и контраефект – голем дел од прволигашките тимови тешко дека ќе формираат конкурентен состав за суперлигашките тимови, квалитетот ќе се разводни, Вардар и Еурофарм Пелистер нема да играат во првата фаза, па посетеноста на натпреварите нема да биде голема…но сите дилеми треба да бидат отстранети во текот на оваа седмица кога треба УО на РФМ да го потврди системот на натпреварување за 2020/2021 година.