Урош Зорман ја презема Словенија, чека на официјална промоција

Поранешниот репрезентативец на Словенија, Урош Зорман, се наоѓа пред промоција на селекторската функција во словенечката репрезентација, а неговото официјално претставување како нов селектор би требало да биде потврдено до крајот на денот.

Зорман, моментално го предводи амбициозниот тим на Тримо Требње, екипа во која настапуваат ракометарите од Македонија, Тоше Ончев и Милан Лазаревски. Тој беше главен фаворит од понудените кандидати за нов селектор на сениорската репрезентација на Словенија.

Во својата тренерска кариера работеше и како асистент на Талант Душбеаев во Келце. Од 2019 година беше назначен за помошен тренер во репрезентацијата на Словенија, која на Европското првенство во Унгарија и Словачка под водство на Љубомир Врањеш забележа катастрофален резултат и елиминација уште во раната фаза на континенталниот собир.

Главните цели на Зорман ќе бидат пласман на Светското првенство во 2023 година и Олимписките игри во Париз. Словенците двапати ќе се соочат со Италија, на 16 и 19 март, во бараж натпреварите за пласман на Мундијалот во Шведска. Во случај на победа против Италија, тие ќе играат уште два квалификациски натпревари против селекцијата на Србија.