Унгарија се спаси од срам, едвај се справи со аутсајдерот Швајцарија

Селекцијата на Унгарија стартуваше со победа на Европското првенство во Словенија, Македонија и Црна Гора, откако славеше против дебитантот Швајцарија со 33-28. Иако резултатот делува убедливо, сепак фаворитот се мачеше во текот на целиот меч.

Швајцарките диктираа темпо и имаа контрола во првото полувреме. Водеа во повеќе наврати со плус три, но Качор и Клујбер донесоа егал, 10-10. Повторно попуштија Унгарките во финишот на првиот дел, и Швајцарија замина со предност од плус два на пауза, 14-12.

До 50. минута се играше гол за гол и ниту една од селекциите не успеваше да се одлепи со повисока разлика. По 24-24, следуваше клучниот период. Швајцарките немаа идеја во нападот, беа казнети со неколку голови на празна мрежа преку Лукач и Клујбер за 27-24 и веќе немаше назад.

Најдобри стрелци во унгарскиот состав беа Клујбер со девет, и Вамос и Лукач со по шест гола, додека кај Швајцарија се истакна Шмид со шест погодоци.