Турција со ракометар на Металург ќе брка место за СП

Ракометарот на Металург, Халил Озтурк доби повик за настап во репрезентацијата на Турција за квалификациските натпревари за обезбедување место на Светското првенство 2023 кое ќе се одржи во Полска и Шведска.

Озтурк кој игра на позиција среден, но и лев бек имаше забележителни настапи за екипата од Автокоманда, иако составот на Иван Марковски имаше лош старт во Супер лигата.

Турција се наоѓа во квалификациската група 1, а противници ќе бидат репрезентациите на Косово, Белгија и Грција. Најдобрите две репрезентации ќе се квалификуваат во втората фаза од квалификациите за Светското првенство.

Со оглед на квалитетот на противниците, Турција е голем фаворит во својата група. Првиот предизвик за Озтурк и неговите репрезентативни колеги е утрешниот натпревар против селекцијата на Косово.