Тројка на Пешевски во триумфот на Штутгарт

Екипата на Штутгарт каде што настапува Жарко Пешевски забележа победа на домашен терен против Балинген со 27:23 во 21. коло од Бундес лигата.

Штутгарт имаше водство во најголемиот дел од натпреварот, а после првото полувреме домашниот тим водеше со 14:13. Во продолжението Балинген во неколку наврати успеа да израмни, но од 19:19 следуваше серија на Штутгарт која го одлучи победникот.

Жарко Пешевски имаше солиден настап и натпреварот го заврши со три погодоци од пет удари кон противничкиот гол. Во следното коло Штутгарт гостува на Есен и ќе има добра можност да ја продолжи победничката серија.

Составот на Филип Миркуловски, Вецлар загуби на домашен терен од Гепинген со минимални 31:32. Повратникот во македонската репрезентација не беше дел од составот на Вецлар поради позитивен тест на коронавирус.