Тренерот на Лазаров: Зошто да не ја победиме и Барса?

Тренерот на екипата на Нант, Алберто Ентрериос е оптимист пред главните натпревари од завршницата на Лигата на шампионите.

Неговата екипа е позитивно изненадување во оваа сезона. Ракометарите на Нант ќе играат на фајнл-фор турнирот во Келн, а до него стигнаа со елиминација на моќните Келце во осминафиналето и Веспрем во четвртфиналето. Во групната фаза беа подобри и од актуелниот шампион, Кил.

За официјалниот сајт на ЕХФ, Ентрериос зборуваше за неговите очекувања во Келн и слатката победа над Веспрем.

„Да се ​​победи Веспрем е еден од моментите на кои, како тренер, навистина сум горд, тоа покажува дека напорната работа се исплати.Тоа е редок момент во животот на тренерите, но сега одвоивме време да уживаме. Обично, два часа по завршувањето на натпреварот, вие веќе се фокусирате на следниот противник, но ние не го сторивме тоа овој пат. Ги победивме Келце и Веспрем, зошто да не и Барса”, изјави Ентрериос.

Првите полуфинални битки во Лигата на шампионите започнуваат на 12 јуни. Во првото полуфинале ќе се сретнат ПСЖ и Алборг, додека во второто, Нант ќе ги одмери силите со Барселона.