Трансфер на кариерата: Црногорка ќе ја менува македонската снаа во европскиот првак

Репрезентативката на Црна Гора, Јелена Деспотовиќ е пред потпис со унгарски Ѓер. Веста беше пласирана низ медиумите во Унгарија, но иако нема официјална потврда од европскиот шампион, се пишува дека таа потпишала договор на две сезони.

Деспотовиќ би требало да се пресели во Ѓер од следната сезона и да биде една од главните ракометарки на левата бековска позиција, иако знае да покрие и на десен бек. Едуарда Аморим ја игра последната сезона за унгарскиот шампион и се очекува Деспотовиќ да биде вистинско освежување по нејзиното заминување.

Црногорката го носи дресот на унгарскиот клуб Дебрецен веќе четири сезони и во последните години се наметнува како лидер во репрезентацијата на Црна Гора. На последното Европско првенство во Данска беше една од главните ракометарки во својата репрезентација. Покрај настапите за сениорската репрезентација има настапувано и за сите помлади категории за својата земја.

Кариерата ја започна во дресот на Будуќност и со натпреварите во Регионалната лига против екипи како Крим, Подравка, и Вардар стекнуваше драгоцено искуство кое можеби ќе ја доведе во клуб кој последните десет години е на врвот од женскиот ракомет.