Тон негативни коментари за некогашниот „министер“: Ристовски ќе мора да се докажува пред скопската публика

Финансиската криза кај македонскиот и актуелен европски првак си го направи своето оваа сезона. Наместо очекуваниот пласман во врвот на групата во Лигата на шампионите, Вардар првиот дел од сезоната го заврши на последното место кое води во елиминациската фаза. Заминаа дел од играчите, некои поради повреда не се дел од тимот, а преодниот рок на полусезоната не беше поволен за „црвено-црните“.

Во ситуација кога проблемите на Вардар кулминираа со заминување на најдобриот поединец во тимот, Даинис Криштопанс, „црвено-црните“ успеаа да ги донесат само Борко Ристовски на голманската позиција и Марко Мишевски кој треба да помогне особено во одбраната на тимот. Иако во јавноста веќе се проширија информациите за новите ракометари во Вардар уште минатата недела, денес официјална потврда стигна и од клубот.

Трансферот на некогашниот голман на Барселона и Рајн Некар Ловен, Ристовски крена најголема прашина изминатата недела на социјалните мрежи. Наместо позитивни реакции Ристовски беше дочекан „на нож“ од вардаровите фанови.

Под објавите на фејсбук страницата на 24Ракомет, читателите најмногу забелешки имаат на истрошеноста на голманот, на неговата моментална форма и на фактот што може да го спречи развојот на одличниот Марко Кизиќ, кој од натпревар во натпревар го покажува својот потенцијал. Други пак се загрижени за атмосферата во соблекувалната, поради карактерот на искусниот голман.

Ниту твитер заедница не остана покуса со своето мислење. Многумина разочарани го дочекаа новиот трансфер во Вардар, а имаше и пораки со политичка конотација.

Ристовски на полусезоната пристигнува во Скопје од Бенфика. Во Португалија пристигна летото 2018, а  оваа сезона поради својата форма полека започна да ја загуби позицијата меѓу стативите од младиот и перспективен голман Густаво Капдевил.

Сега во Скопје одново ќе се бори за позиција и минутажа. Ако во Вардар има поголемо реноме и образ, фановите на европскиот првак допрва ќе мора да ги убеди во своите можности и да докаже дека одличниот млад голман Марко Кизиќ има што да научи од него.