Томовски и Гурбиндо се следните засилувања на Вардар

Екипата на Вардар го крои составот за следната сезона, а веќе се познати две нови имиња со кои Вардар добива на нов екстра квалитети. Во тимот доаѓаат голманот на репрезентацијата на Македонија, Мартин Томовски и десниот бек од Нант, Шпанецот, Едуардо Гурбиндо.

Томовски во новата сезона би требало да го сочинува тандемот на голот со Борко Ристовски, а после две години во Бундес лигата секако носи добро искуство со себе за настапите во европските купови. Тој сезонава е дел од тимот на Лудвигсхафен, а претходно играше за Металург.

Гурбиндо, пак, би требало да пристигне во понеделник во Скопје на лекарски прегледи и после нив може да се очекува да го потпише договорот со „црвено-црните“. Станува збор за соиграч на Лазаров во тимот на Нант и за ракометар кој е повремен репрезентативец на Шпанија.

Се очекува следната недела овие два трансфери да бидат комплетирани со ставање на потпис на договорите така што Вардар ќе добие на квалитет за надигрување со тимовите во Лигата на шампионите што значи дека ростерот одново ќе биде доволно широк и квалитетен бидејќи најавени се и уште неколку други имиња.