Единствениот странски тим за кој играше Столе Стоилов е пред банкрот

Водечката екипа во Втората лига на Романија, Одорхеи се соочува со големи финансиски проблеми. Иако се убедливо први со максимален учинок и се на чекор до промоција во Првата лига најверојатно тоа нема да се случи.

Пет играчи од екипата се со истечени договори, а доколку од клубот сакаат тие да играат за нив до крајот на сезоната мора да им ги продолжат договорите барем за уште една година. Со оглед на ситуацијата тоа е тешко остварливо. Покрај тоа ракометарите имаат понуди од други клубови што ја отежнува ситуацијата на Одорхеи.

Директорот на клубот Шаболц Иљеш, даде изјава со која потврдува дека клубот е во кризен период и истакна дека целта за сезонава останува иста, пласман во Првата лига. Сепак економската состојба во клубот тоа ќе го направи невозможно.

Во минатото Одорхеи беше клуб во кој настапуваа повеќе македонски интернационалци. Играчи кои играа во романскиот клуб се Гоце Ојлески, Стојанче Стоилов, Милорад Кукоски, Митко Стоилов и Лазо Мајнов, а најдолго се задржа и стана легенда Горан Кузманоски.

По смртта на сопственикот на клубот во 2018 година, овој тим практично се распадна  и беше префрлен во најнизок ранг, но баш кога требаше да се врати во елитата повторно се соочува со големи проблеми.