Тиквеш со победнички старт – Еурофарм Пелистер 2 падна во Кавадарци!

Ракометарите на Тиквеш имаа победнички старт на новата суперлигашка сезона, откако на домашен терен славеа против незгодниот тим на Еурофарм Пелистер 2 со 28-26. Иако гостите парираа во поголем дел од мечот, кавадарчани имаа контрола на резултатот и на крајот заслужено ги освоија првите бодови сезонава.

На стартот на мечот се играше гол за гол до 5-5, пред кавадарчани водени од публиката во „Јасмин“, навивачите „Лозари“ и по неколку интервенции на голманот Гемаљевиќ поведоа со плус два, 7-5.

Своите први голови во дресот на Тиквеш ги запишаа и новаците Мијатовиќ, Мајиќ, Манасков и Обина. Во продолжение кавадарчани играа одлично во одбраната, а гостинските ракометари немаа премногу решенија во нападот.

Тоа беше доволно Тиквеш да стигне и до највисоката предност во првото полувреме, пет гола, 14-9. Сепак за да не биде се така лошо за избраниците на Михаил Петровски, се погрижи Белистојаноски со голот за 14-10, резултат на пауза.

Немаше голови на стартот на вториот дел четири минути, пред кадетскиот репрезентативец Мирче Калајџиески да погоди од пенал за 14-11. Момците на Никола Матлиески ја одржуваа предноста од три гола во неколку наврати.

Но две грешки и одбрана на Младенов беа доволни битолчани да се вратат во игра и да намалат само на минус еден. Но потоа и Гемаљевиќ фати пенал, и чист зицер од контранапад, па Тиквеш пак беше на плус три, 19-16.

Битолчани не мислеа да се откажат од камбек и уште еднаш се доближија на минус еден, па Матлиески мораше да реагира со тајм-аут. Манасков во соло акција се избори за 22-20, а по неколку промашувања на двете страни, се забрза ритамот на мечот.

Неколку брзи голови и во мрежата на Тиквеш и во мрежата на Еурофарм Пелистер 2, па на шест минути до крајот беше 24-23 откако повратникот во македонскиот ракомет, Стефан Трпчевски погоди од пенал против поранешниот клуб.

Обина стрелаше за плус два, 27-25, но домашните не можеа да бидат мирни бидејќи Ристевски набрзина намали на 27-26. Капитенот Симиќ беше прецизен на стотина секунди до крајот на дуелот, а Гемаљевиќ со одбраната стави точка не мечот.

Во победничкиот тим се истакнаа Мирко Мајиќ со седум гола, Ани Обина со пет, додека по четири пати стрелаа Страхиња Симиќ и Евгениј Темелкоски. Голманот Јанко Гемаљевиќ имаше 10 одбрани. Кај Еурофарм Пелистер 2 по четири гола дадоа Иван Димитровски, Ненад Белистојаноски и Мартин Ивановски.