Тиквеш реагира и тврди: Судиите од Битола признаа нерегуларен гол на Прилеп (ВИДЕО)

Иако биле незадоволни од последната одлука на судиите од Битола, делегатот на средбата Игор Огненов кој исто така бил од Битола ги убедувал домаќините да не пишуваат ништо во записникот бидејќи „немало ништо да добијат“.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Прилеп, во кој домашните водеа и со четири разлика, на крајот заврши нерешено, 25-25, но и покрај тоа што гостите заминаа дома со еден бод, од таборот на домаќините сметаат дека се оштетни од страна на судиите кои признале нерегуларен гол.

Прилепчани постигнаа гол по истекот на времето од слободен удар. Погодокот беше дело на Мириан Гавашелишвили, а кавадарчани сметаат дека не е постигнат според ракометните правила. Во прилог на реакцијата кавадарчани го имаат и спорниот момент каде се гледа реакцијата на судијата и на гостинскиот играч.

Кога се изведува таков слободен удар не е деозволено поместување на ногата на играчот, ниту потскокнување. Потребно е од место да најде пукнатина во одбранбениот ѕид на ривалот и да постигне гол. Мириан најде пукнатина, ама според домаќините спорно е како го извел слободниот удар.

Натпреварот во Кавадарци го судеа интернационалните судии, Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегатот исто така од Битола, Игор Огненов.

Кавадарчани се огласија со соопштение и видео од според нив, спорниот момент, кое ви го пренесуваме во целост:

„ГРК „Тиквеш 2014“ по повод случувањата во последните секунди од првенствениот натпревар со РК „Прилеп“, го издава следното соопштение за јавноста: Несакајќи ниту малку да се намали постигнатиот резултат на гостите од Прилеп, со кои одигравме еден крајно коректен и машки натпревар, ниту пак да се сокријат сите слабости во играта на домашниот тим, кој прокоцка значителна предност во последните минути од натпреварот, сакаме да изразиме огромно незадоволство од судењето на судиската двојка од Битола.

Ненавлегувајќи во деталји за невоедначениот критериум околу санкционирањето на пасивните напади и досудувањето на прекршоците, особено би сакале да се задржиме на последниот момент од натпреварот – изведувањето на слободното фрлање од девет метри по истекот на регуларното време.

На снимката од натпреварот (live stream реализиран од РТК Кавадарци, во 39:07 од преносот на второто полувреме) јасно може да се утврди дека судијата Димитар од Битола на играчот со бр.34 на РК „Прилеп“ му дава јасни инструкции за начинот на изведувањето на слободното фрлање, укажувајќи му дека нема право да ја поместува левата стојна нога. И покрај ваквото предупредување, играчот при изведувањето на „деветерецот“, што јасно се гледа на снимката, потскокнува при изведувањето и ја поместува стојната лева нога, која од позиција зад линијата на девет метри, при реализацијата на шутот доаѓа внатре во просторот од девет метри.

Сето ова пред очите на судијата, кој при очигледна повреда на правилата на ракометната игра, го призна голот, со кој гостите го изедначија резултатот, а ГРК Тиквеш остана без два заслужени бода. Како потврда на спортската неправда сторена од т.н. „делители на правдата“ на јавноста и ја даваме на увид снимката на спорниот момент, а за критериумот на судење во текот на целиот натпревар оценка нека дадат оние кои ќе ја одгледаат целата снимка, бидејќи и од самиот делегат на натпреварот бевме убедувани да не даваме забелешки во изјавата за натпреварот“, напишаа кавадарчани.

А од искуството досега, завршен натпревар не бил преигран дури и да се утврди дека е постигнат таков гол. Единствено доколку тимот што е оштетен не покрене постапка и поднесе жалба до РФМ. Но, и тогаш единствено судиите може да добијат некоја опомена. Натпреварот е регистриран со резултат 25-25.

Тиквеш и Прилеп се борат за место во плјеофот во Суперлигата, и загубените два бода (за победа се доделуваат три) може многу да ги чини во трката за едно од првите три места во групата.

Доколку сакате да го гледате целиот натпревар тоа можете да го сторите на следниот линк.