Тасески и Андоновски: Од првата минута влеговме сериозно, натпреварот го добивме рутински

Ракометарите на Охрид после поразот од Алкалоид денес на домашен терен, во рамки на 11. коло од Супер лигата, убедливо го совладаа тимот на Куманово, со резултат 32-17 (14-7).

Охриѓани натпреварот го решија уште во воведните минути, па вториод дел беше само формалност, во кој избраниците на Андоновски само ја зголемуваа разликата. Најефикасен во домашната екипа беше кружниот напаѓач Иван Тасески кој натпреварот го заврши со седум погодоци.

„Од првата минута влеговме сериозно и концентрирано во натпреварот без потценување на противникот, како што доликува на ваков дуел да ја докажеме фаворитската улога. Со лесни голови од полуконтра и контра ја направивме разликата. Договорот беше од почетокот да тргнеме максимално ангажирано, за да добијат поголема шанса и помладите играчи, да почувствуваат натпревари од Супер лигата и да стекнуваат самодоверба за понатака“, изјави Тасески.

Добар натпревар одигра и капитенот на Охрид, Крсте Андоновски, кој зад своето име запиша три погодоци. Според него ова е прв натпревар за кој може да каже дека го добиле рутински.

„Оваа сезона цело време се мачиме со послабите екипи, не влегуваме концентрирано и мотивирано, а со добрите екипи играме мотивирано уште од самиот старт. Овој пат не беше така, од првата минута тргнавме агресивно, игравме добра одбрана, дадовме доста лесни голови и тоа ни овозможи да изградиме една добра предност и да имаме мирен финиш на натпреварот“, изјави Андоновски.

Следен предизвик за избраниците на Горан Андоновски е гостувањето кај лидерот на табелата Вардар, од кого во првиот натпревар загубија на домашен терен.